„Потребна ни е нова Универзална сала“ – „Сегашната одлука е судбина на градот за наредните 40 години“, рече Шилегов

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Какви се потребите и во каква состојба моментално се наоѓа Универзалната сала, беа прашањата по кои се дискутираше на денешната одржана јавна трибина меѓу претставници на државни културни институции и здруженија на граѓани. Од Град Скопје открија дека се разгледуваат три опции.

ТРИ ОПЦИИ ЗА УНИВЕРЗАЛНА САЛА:

1. Постојната сала да се реизгради на истото место

2. Да се изгради нова сала на нова локација

3. Во исто време и да се обнови стариот објект и да се гради нова сала

Националниот координатор за развој на културата, Алаѓозовски смета дека идејата за нова локација треба да биде поддржана и дека тоа би било функционален простор. Со тоа се согласуваат и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

„Мислам дека понудената идеја и визија на градоначалникот да зборува за целосно нова локација и нов функционален простор е смела и визионерски дека таа треба да се поддржи“, вели Роберт Алаѓозовски – национален координатор за развој на култура.

Директорот на Универзална вели дека е директор на нефункционален објект. Вели дека на Скопје му фали концертна сала, а универзална треба да се реставрира.

„Во моментов ние со ваква Универзална сала која што е руинирана, која е со графити која што е буквално еден леш од објект, ние ги едуцираме нашите деца и тоа не ги едуцираме две години, туку веќе 15 години. Ние може го гледаме објектот со розови очила, но не заборавајте дека покрај тој објект поминуваат деца, ние тие деца ги образуваме на лоша урбана култура“, вели Мартин Пановски од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Архитектот Ангел Ситновски е на ставот дека граѓаните треба да одлучат дали да се реконструира постојната сала и дали да се гради сала на друго место, архитектите треба да понудат решенија, а Градот да обезбеди финансиски средства.

Првиот човек на Град Скопје посочи дека она ќе биде донесено како одлука ќе биде судбина на градот во наредните 40 години.