Специјалното обвинителство на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг, го потврди обвинението против Хашим Тачи. Неколку моменти подоцна, претседателот на Косово одржа прес конференција, на која самиот ја потврди веста.
„Пред неколку моменти бев известен дека судијата на претходна постапка на специјалниот суд (Косово) официјално го потврди обвинението против мене“, посочи Хашим Тачи.
Неколку секунди подоцна соопшти дека се повекува од функцијата. Тачи вели дека нема да дозволи претседател на Косово да седи во обвинителна клупа.
„Како што ветив, во никој случај нема да дозволам претседател на Република Косово да се појави пред судот. Затоа, со цел да се заштити интегритетот на претседателството на Република Косово, интегритетот на државата Косово, интегритетот и достоинството на косовските граѓани и почитувањето на партнерството со меѓународната заедница, денес поднесувам оставка од функцијата претседател на Република Косово“, додава Хашим Тачи.
Обвинението е потврдено и за Кадри Весели, лидер на Демократската партија на Косово и поранешен претседател на косовското собрание. Преку соопштението кое претпладнево го објави неговата партија, Весели информира дека обвинението го добил вчера попладне и дека ќе отпатува за Холандија во текот на денешниот ден.
Во акцијата на ЕУЛЕКС приведен е некогашниот портпарол на Ослободителната војска на Косово Јакуп Красниќи, кој исто така е поранешен спикер на собранието. Подоцна во текот на денот е спроведен во притворското одделение на Специјалното обвинителство на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг.
Против Красниќи е подигнато обвинение за злосторства против цивилното население во текот и непосредно по војната во Косово во 1998-99 година.
Кон крајот на февруари, Обвинителството објави дека поднело обвинение против неколку поранешни припадници на ОВК. Потоа, на крајот на април, главниот обвинител Џек Смит објави дека поднел обвинение против косовскиот претседател Хашим Тачи и поранешниот претседател на косовското собрание Кадри Весели. Во улога на сведок во специјалниот суд два дена сведочеше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
