Повеќе од 250 доброволни пожарникари ќе гасат пожари летово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На пистата во касарната „Гоце Делчев“ во општина Аеродром, се одржа постројување на доброволните пожарникари од сите активни доброволни противпожарни друштва во Македонија.

Со постројувањето беше утврдена реалната бројка на доброволни пожарникари кои се подготвени организирано да учествуваат во гаснењето на летните пожари на отворен простор како дел од Тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Пред доброволните пожарникари се обрати директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и командант на Силите за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој ги претстави плановите и очекувањата за претстојната противпожарна сезона. Воедно беше претставена новата внатрешна структура и хиерархија, со цел поефикасна координација, командување и вклучување на доброволните пожарникари во системот за гаснење пожари.

„Од денес па натаму, јавноста уште појасно ќе знае дека вие сте сериозна и респектабилна сила! И длабоко сум убеден дека сите заедно ќе добиеме уште поголема јавна благодарност и подршка! Од денес па натаму, и луѓето од македонската бизнис заедница но и од македонската дијаспора, ќе знаат дека вие сте сериозна и респектабилна сила! И верувам дека некои од нив, со чувство на одговорност кон татковината, ќе помогнат за ваше опремување или доопремување со различни видови на противпожарна опрема. Притоа, барам да се придржувате до моето основно начело “Сејфти фрст!“ Вашата безбедност секогаш да биде на прво место! Нашите животи може да биде изложен на ризик само тогаш кога спасуваме други човечки животи! Бидејки, нови дрвја, грмушки и трева повторно ќе пораснат, изгорените куќи повторно ќе се изградат, но загубениот живот нема да се врати! Сејфти фрст!“, рече Ангелов.

По завршувањето на постројувањето се одржа работен состанок на отворено, на кој доброволните пожарникари разменија искуства, мислења и предлози за подобро функционирање на системот за заштита и спасување во текот на летната сезона.