Ѓорѓе Симион, кандидатот на десницата кој, според излезните анкети, води во првиот круг од претседателските избори во Романија, вечерва изјави дека нема да ја изневери довербата што му ја дале граѓаните.
„Сакам од дното на срцето да им се заблагодарам на сите што гласаа за мене. Тоа беше чин на храброст, доверба и солидарност. Благодарен сум им на сите и ве уверувам дека нема да ја изневерам вашата доверба“, рече тој во снимена порака, според романските медиуми.
Тој рече дека постигнал исклучителен резултат, обвинувајќи ги медиумите за ширење лаги за време на кампањата.
„Победивте. Денес, романскиот народ проговори. Време е да бидеме слушнати, и покрај пречките, и покрај манипулациите. Романците се кренаа“, рече Симион.
Тој нагласи дека ќе му остане лојален на Калин Ѓорѓеску, прорускиот кандидат на претходно поништените избори на 24 ноември, додавајќи дека не сака власт за себе.
