Повисоки плати и пензии, потврда на идентитетот, даночни олеснувања – Филипче ја промовираше програмата на СДСМ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повисоки плати и пензии, даночни олеснувања, како и потврда на идентитетот се само дел од точките во програмата на СДСМ која ја промовираше Венко Филипче. Оваа програма треба да биде усвоена на партискиот конгрес во јуни месец, а ќе биде основа за следните парламентарни избори.

-Економијата е за луѓето, не за газдите и затоа не нудиме само свои бројки туку сосем нов социјален договор. Прво, платите горе, понатаму пензии што растат, стоп за профитерите, македонски пари дома и крај на пазарниот терор, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Во програмата се предвидува пораст на платите на работниците и 50% поголеми пензии. Како што изјави Филипче, ако профитот на фирмата расте, мора да расте и платата на работникот. Воедно се најавува план за борба против корупцијата, ветинг, но и план за задржување на младите во државава.

На крајот од презентацијата на програмата, Филипче се осврна и на актуелната криза, за која вели дека власта ништо не презема, а дека цените се зголемени на речиси сите прехранбени производи.

-Зејтинот е поскапен до 118 денари, кафето од 120 до 140 денари, мелено месо од 730 до 840 денари, пилешко месо над 400 денари, една кутија од 10 јајца над 110 денари, покачени се цените на зеленчук и овошје. Пиперки достигнаа цена од 300 денари, домати над 200 денари, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Запрашан за критиките упатени од Филипче кон Владата, премиерот Мицкоски со одговор:

-Тој е опозиција, мисли дека ако критикува, ако навредува дека ќе привлече внимание, важно е ние да си ја водиме нашата работа, еве вака со инвестиции, со десетици, стотици милиони евра да се пуштаат, државата да оди напред, да се бројат инвестициите што повеќе, да има сигурност. Тоа е она што мене ме исполнува како претседател на владата, инаку, ако го слушате СДСМ и г-нот Венко Филипче, тогаш е логично тоа, тој да има прес-конференција и да конструира и да клевети, изјави премиерот Христијан Мицкоски,

Мицкоски воедно рече дека политиките кои ги води СДСМ се погрешни, додавајќи дека не сака да навлегува премногу во внатрешните работи на опозицијата, порачувајќи дека изборите ќе покажат кој работи во интерес на граѓаните.