Времето предвидено за пауза го искористија за протест. Здравствените работници од Клинички центар изразија незадоволство од платите што ги земаат. Велат дека од Владата им било ветено покачување за 10% на годишно ниво, но за три години платите им се зголемиле за само 5%.
Покрај покачување, бараат и усогласување со промените на минималната плата. Медицинската сестра, Димеска вели дека со првичното зголемување на минималната плата, многу профили се доближиле кон нивните плати.
Податоците за одливот на лекарите и медицинските сестри се алармантни, предупредува Димеска. Само последниве три до пет години земјава ја напуштиле од 5 до 6 илјади медицински сестри, а согласно податоците од Комората на лекари, за три години во странство заминале дури 2.200 лекари.
Друг проблем според Пецаноски, е и пензионирањето на околу 180 лекари кои немале право да продолжат со вршење на дејноста. Тој додава дека проблем со новите кадри е во тоа што сѐ уште не се обучени добро и што сѐ уште се млади.
Здравствените работици стравуваат дека трендот на одливот на белите мантили ќе продолжи, поради што клиниките ги демне опасност да останат празни. Во знак на револт, освен во Скопје протести се одржаа и во други градови низ државата.
