И оваа Влада со најава за изградба на нов Клинички центар. Според премиерот Христијан Мицкоски се планира да биде во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а доколку се оди според планираното изградбата би можела да започне во текот на идната година. Според него самата локација е привлечна бидејќи се наоѓа на два булевара што би овозможило поголема пристапност, како и близина на обиколницата по која пациенти ќе можат да доаѓаат и од други држави. Сепак појасни дека за сега постојат отворени проблеми бидејќи тој простор е приватно земјиште.
„Не само за главниот град и Македонија како држава туку може и од соседните држави да привлекуваме пациенти кои што ќе ги користат услугите на овој, би рекол, како што е нашиот план, ултрамодерен Клинички центар, но таа парцела е приватна сопственост. Преговараме со сопственикот да видиме дали можеме да најдеме замена за таа парцела, да ја добие државата, потоа со специјален закон да се смени намената на истата“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски најави дека со изградбата на новиот Клинички центар се планира преку поврзување да се направи еден целосен здравствен комплекс со другите здравствени објекти што се во близината.
„Планот е под булеварот „Илинденска да се направи топол подземен премин кој што ќе се поврзе со постоечката „8 Септември“, тука се наоѓа и ПЕТ Центарот кој што исто така во моментот го развиваме и сето тоа е поврзано со Поликлиниката „Букурешт“, значи еден целосен заокружен комплекс ќе опфати овој проект“, вели Христијан Мицкоски.
Изградба на нов Клинички центар е ветување кое се провлекува изминативе години и тоа на различни локации прво во Бардовци, па во Веле Поле кај Ѓорче Петров, за потоа да има најава дека целосно ќе се модернизира постојниот Клинички „Мајка Тереза“. Сепак, досега ниту еден проект не е реализиран.
