Околу педесетина граѓани протестираа пред Собранието во центарот на Скопје, изразувајќи незадоволство од Управата за јавни приходи во врска со оданочувањето на приходите остварени во странство, пренесува ТВ21.
Демонстрантите носеа транспарент со порака „Бараме одговор од УЈП“, барајќи појаснување и решение за, како што велат, спорните барања од институцијата.
Протестот предизвика и блокирање на сообраќајот во централното градско подрачје, при што беше блокирана улицата „Рекорд“.
Ова не е прв протест поврзан со оданочувањето на приходите од странство, прашање што подолг период предизвикува реакции кај дел од граѓаните.
„УЈП сака да ги оданочува студентите од оваа држава кои преку лето работат во Германија и САД, бидејќи решенијата што им се доставуваат предвидуваат 10% данок од нивната заработка. Двојното оданочување не е продуктивно, ниту економски здраво и ако на оваа влада ѝ требаат пари, нека ги намали непродуктивните трошоци“, изјави еден од демонстрантите.
