Повторно разлики во ДУИ – административците кои седат дома „јаболко на раздор“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По скратена постапка Собранието го усвои законот за прераспределба на административците кои земаат плата а седат дома. Административците ќе треба да тргнат на работа веднаш, а ќе имаат две можности да одлучат во која институција да бидат систематизирани. Доколку одбијат, им се прекинува договорот за работа.

Усвојувањето на овој закон, првиот вицепремиер Артан Груби го окарактеризира како постигнување во 100-те дена Влада.

Законот го поздрави и пратеникот Арбр Адеми.

„Почитувани граѓани, би сакал да ве информирам дека со усвојувањето на овој предлог-закон, ДУИ исполнува уште едно предизборно ветување“, истакна Арбр Адеми.

Нивниот сопартиец, Изет Меџити при гласањето на законот во Собранието беше воздржан бидејќи смета дека законот е измама на вработените, бидејќи, според него, 1300 работници може да останат без работа.

„Моделот „земи или остави“ остава простор на овие луѓе да им се понудат работни места кои не се соодветни на нивните амбиции и образование или развој или кои не се во согласност со првите планови кога тие луѓе се вработени. Да работеа, со своето искуство денес ќе беа на челните позиции на институциите“, посочи Изет Меџити.

Побаравме одговор од Груби за тврдењата на Меџити, но одговор не добивме.

Дали има шанса навистина овие административци да останат без работа?

Ангел Мојсовски, истражувач во Институтот за европски политики вели дека има место за систематизацијата на овие 1300 административци но прашањето е дека некои од нив можат да одбијат.

Инаку најдоцна 15 дена по стапувањето во сила на овој закон, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е обврзано на Владата на Република Северна Македонија да и предложи план со цел што побрза распределба на овие административни работници.

Прашањето за систематизација на административците се актуелизираше во 2018 од тогашниот министер за администрација Дамјан Манчевски, но не беше никогаш завршено.