Пожар кај Солун: Евакуирани населби, уништени фабрики, уапсен осомничен за подметнување на огнот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голем пожар што избувна синоќа во близина на Солун предизвика евакуација на неколку населени места и сериозни материјални штети, додека противпожарните екипи и натаму се борат да спречат повторно разгорување на огнот.

Пожарот избувнал околу 20:30 часот во клисура во планинскиот дел на општината Ореокастро, предградие на Солун, а поради силниот ветер брзо се проширил кон рамничарскиот дел, зафаќајќи претежно ниска вегетација и грмушки.

Според грчките медиуми, огнената стихија во текот на ноќта во голема мера била ставена под контрола и повеќе нема активен фронт. Иако пожарникарите успеале да ги заштитат станбените објекти, целосно изгореле два индустриски погона – фабрика за рециклирање и текстилна фабрика.

Од безбедносни причини беше наредена евакуација на селата Антополис, Филотеј и Галини, а жителите добија предупредување преку системот за итни СМС-пораки. Евакуиран беше и дом во кој биле сместени 157 лица со пречки во развојот. Околу 120 од нив биле префрлени во локална гимназија, додека останатите биле згрижени во психијатриска болница.

Грчките власти соопштија дека е уапсен 76-годишен маж, кој е осомничен дека го предизвикал пожарот. Според информациите од противпожарната служба, при приведувањето тој бил во алкохолизирана состојба.

Жителите на Солун во текот на ноќта можеле да го видат пламенот и да слушнат силни експлозии од индустриската зона, додека густ црн чад се проширил над западните делови на градот и околните населби.

Во гаснењето на пожарот учествуваат 160 пожарникари со 52 противпожарни возила, пет специјализирани копнени екипи, како и два авиона и два хеликоптери. Пожарот сега е ограничен на пошумена област, каде што екипите спроведуваат операции за гаснење и ладење на жариштата за да спречат негово повторно активирање.

Воздушните интервенции ќе продолжат и во текот на денот, со цел да се намали густиот чад и да се ограничи испуштањето на потенцијално опасни материи во атмосферата.

Градоначалникот на општината Неаполи-Сикис, Симос Даниилидис, изјави дека жителите цела ноќ слушале експлозии од индустриските капацитети. Тој апелираше граѓаните строго да ги почитуваат препораките на надлежните служби поради токсичниот чад што се проширил низ поширокото подрачје на Солун.

Според него, во погодената индустриска зона се наоѓаат складишта со мазива и нафтени деривати, постројки за преработка на текстил, како и фабрика за рециклирање во која се складираат големи количини пластика, што дополнително ја усложнило ситуацијата.

Во текот на интервенцијата се повредени четворица пожарникари. Тројца од нив биле пренесени во болница поради респираторни проблеми предизвикани од чадот, додека четвртиот се здобил со повреди на екстремитетите. Засега нема информации за загинати или потешко повредени цивили.