Пожар во Тетово, загина 76-годишен маж – синот со изгореници, надвор од животна опасност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожар во стан во Тетово, во урбаниот блок 70, заврши фатално за 76-годишен маж, додека неговиот 51-годишен син се здобил со повреди – изгореници на лицето и екстремитетите.

„Синоќа околу 19:49 часот на Одделението за хирургија беше донесен пациент на возраст од 51 година со телесни повреди, односно изгореници на десната рака и лицето. Во нашето одделение беше извршена санација на раните и беше дадена соодветна терапија, по што, поради симптоми на интоксикација, пациентот беше префрлен на интерното и инфективното одделение за понатамошна терапија. Состојбата на пациентот е добра и тој е пуштен на домашно лекување“, вели Шакир Зулбехари.

Причините за пожарот сè уште не се официјално потврдени, но постои сомневање дека бил предизвикан од плинска боца користена за греење.

„Во истиот стан пред десет дена имавме исто така пријавен пожар и интервениравме како пожарникари. Причините се познати – користел плинска боца која можеби била заборавена, но верувам дека повеќе детали ќе даде обвинителот кој синоќа беше на местото на настанот“, вели Авни Амети.

Јавниот обвинител нареди обдукција на телото на починатиот, како и вештачење на станот, со цел да се утврди точната причина за пожарот.

„На местото на настанот, како последица на пожарот, почина 76-годишно лице со иницијали О.С., а смртта ја констатирал лекар од Клиничката болница. При обид да го изгаси пожарот, со изгореници се здобил неговиот син, М.С. (51). Увид на местото изврши јавен обвинител и екипа на СВР Тетово“, вели Фатмир Реџепи.

Од Противпожарната единица информираат дека поради грејната сезона, во последно време е зголемен бројот на пожари во станбени објекти и деловни простории.