Селото Лознани во Битолско беше во голема опасност од пожар, но благодарение на брзата интервенција на битолските пожарникари и помошта од локалните жители е спречена поголема катастрофа, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Ангелов посочи дека опасноста сè уште не е целосно отстранета, бидејќи пожарот продолжува да се движи од другата страна на ридот.
„Пред голема опасност беше селото Лозани, Битолско. Благодарение на пожарникарите од Битола и неколку локални жители од селото, спречена е голема катастрофа. Но, опасноста продолжува“, изјави Ангелов.
Според него, на теренот е ангажиран и дополнителен екипаж на битолските пожарникари, а постои опасност пожарот да се прошири и кон друго населено место.
Поради големината на пожарот и долгата пожарна линија, Дирекцијата за заштита и спасување активирала и тимови за брз одговор.
Ангелов упати благодарност до битолските пожарникари и локалното население за нивниот ангажман во справувањето со огнената стихија.
„Голема благодарност до битолските пожарникари. Ги активиравме и тимовите за брз одговор на Дирекцијата, бидејќи линијата на пожарот е долга со километри“, рече Ангелов.
Тој најави дека дополнителните тимови на ДЗС ќе продолжат со дејствување на теренот, со цел да се спречи натамошното ширење на пожарот и да се заштитат населените места.
