По тешката ноќ, поротивпожарните екипи успеаја да го запрат пожарот кој ги загрозуваше селата Бонче, Подмоље и Лопатица во регионот на Прилеп, додека главниот дел од пожарот во Мариовско е ставен под контрола. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека ситуацијата останува најзагрижувачка во Никуштак во Липково, каде пожарот е надвор од контрола. Во текот на денешниот ден таму се испратени дополнителни противпожарни возила и пожарникари. Екипите на терен продолжуваат да се борат со огнените стихии, додека властите предупредуваат на можност за повторно активирање на пожарите поради високите температури.
„Голема благодарност до тимот за брза реакција на ДЗС, составен од доброволни пожарникари од Битола и од Кочани, кои се искачија високо во ридовите и ја гаснеа огнената линија чекор по чекор. На мое големо изненадување, тие изгаснаа неколку километри од огнената линија, која сега повеќе не постои, метар по метар, километар по километар“, вели директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Ангелов информираше дека пожарот во Мариовско, кој беше и најголем оваа сезона, е ставен под контрола и екипите работат на негово целосно гаснење.
„Оптимист сум дека денес имаме можност да му го зададеме последниот удар на пожарот и, дури и на мое изненадување, целосно да го изгаснеме овој пожар, кој е најголем оваа сезона. Станува збор за многу тежок терен за гаснење, главно со исклучително висока трева, до гради, со густа вегетација, многу грмушки и дрвја, ниски шуми и со слаб квалитет, додека во некои делови има и густи шуми. Овие села се испразнети. Во селото Лопатинце, каде што сега се наоѓам и кое можете да го видите зад мене, живеат само две лица. И тие не се постојани жители. Овде има околу 50 куќи“, вели директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Во меѓувреме, од ДЗС информираат дека во текот на последните 24 часа во земјата се регистрирани над 32 пожари, од кои повеќето веќе се изгаснати, додека активни остануваат пожарите во Македонски Брод и Студеничани. ДЗС апелира на максимална внимателност, бидејќи високите температури и сувата вегетација го зголемуваат ризикот и една единствена искра да предизвика голем пожар.
