Одлуката на социјалдемократите на локалните избори да ги кандидираат главно актуелните градоначалници, барем за првата група, не донесе големо изненадување во јавноста. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предложените кандидати на СДСМ велат дека власта на изборите излегува со стари и истрошени кадри и дека не понуди ништо ново.
„СДСМ покажа дека нема план, нема визија и не знае како. Знаат само криминал, рекет и насилие. За втор мандат го предложи најнеспособниот градоначалник кој Скопје некогаш го имало, СДСМ оди со Петре Шилегов кој изминативе четири години покажа само лаги, кич и парадерство. Тој нема ништо направено“, истакна Миле Лефков.
Покрај Шилегов, во битката за втор градоначалнички мандат ќе се борат и Темелковски во Кисела Вода, Смилевски во Бутел, Халими во Арачиново, Николов во Штип, Георгиевски во Охрид, а кои се дел од предложените 30 кандидати на СДСМ. Меѓу нив само две имиња се нови и тоа кандидатите за Пехчево и Росоман. Заев вели дека тоа што на изборите ќе одат главно со актуелните градоначалници значи дека тие биле успешни градоначалници а тоа го покажале и анкетите меѓу граѓаните.
„Доминантни во нашите одлуки се анкетите кај граѓаните. Лично верувам во сите тие 30 општински организации на СДСМ каде што номиниравме кандидати. Има теоретски шанси Шилегов да биде избран, затоа што 2017 година Скопје во прв круг прв пат избра градоначалник. Ние веруваме дека тоа може да се случи и на овие избори“, посочи Зоран Заев.
СДСМ најави дека втората група кандидати ќе ја претстави на почетокот на август, а третата последна група до крајот на август или почетокот на септември. Се најавува и можна коалиција со ДУИ. Заев најавува дека до крајот на овој месец ќе се сретне со Ахмети а очекувањата се дека најголемата поддршка ќе ја имаат уште во првиот круг.
