Пратениците Бране Петрушевски и Миле Лефков од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се упатија кон Бугарија за да проверат дали им е дозволено да преминат граница со пасоши со старото име.
Службениците од Граничната полиција им рекле дека со обичен пасош не можат да поминат, но со дипломатски, иако со старото име, им беше дозволено, бидејќи, како што рекле, немаат инструкции како да постапуваат во вакви случаи.
Пратеникот Лефков уште еднаш го повика Собранието да го усвои предлог-законот за продолжување на важноста на патните исправи.
Со реакција се јави и владејачката СДСМ. Од таму велат дека партијата на Мицкоски целосно го заглавува процесот за издавање пасоши и ги манипулира граѓаните дека со закон може да се сменат обврските од меѓународен договор.
„ДПМНЕ преку министерот во техничката Влада само ги компликува работите со личните документи и со погрешни одлуки и несоодветни чекори го заглавува издавањето пасоши. Наместо да го зголеми капацитетот за сликање и вадење пасоши ДПМНЕ преку нивниот технички министер го укина вадењето пасош без закажување, со што се пролонгира целиот процес со месеци“, велат од СДСМ.
Инаку, дополнителниот заменик-министер, Митко Бојмацалиев, во изјава за ТВ21 рече дека не е точно дека граѓаните можат да патуваат без проблем во земјите од ЕУ.
Оваа изјава уследи откако министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека е добиено писмо од Комитетот за патни исправи на Европската унија во кое е наведено дека земјите-членки на ЕУ ќе имале разбирање и немале да прават проблеми за патување на нашите граѓани со непроменети патни исправи
