Денешната расправа главно беше пренасочена кон тоа дали веледрогеријата „Пановски“ има повластена позиција при набавката на лекови особено на Клиниката за онкологија. Антонио Милошоски покрај ова обвини и дека има и партизација на институциите .
„Особено била во повластена позиција на Клиниката за онкологија, затоа можел да си дозволи директорот на Онкологија да зема лекови од веледрогеријата „Пановски“ на реверс без да биде распишан тендер. Никој не збори за веледрогеријата „Пановски“ бидејќи ќерката на директорот на веледрогеријата „Пановски“ е една од директорите на Клиниката. Затоа веледрогеријата „Пановски“ има секакви лиценци, повластен увоз“, вели Антонио Милошоски.
Заменик директорот на Агенцијата за лекови МАЛМЕД Роберт Бекировски одговори дека тие не се надлежни да вршат контрола која веледрогерија каде доставува лекови, туку за нивна контрола на квалитетот за да се обезбедат безбедни и квалитетни лекови.
„Во овој случај за кој што е свикана Анкетната комисија би сакал да потенцирам дека МАЛМЕД не е надлежен, односно увозникот, веледрогеријата не треба да поднесе барање каде треба да достави дали тендерска документација или договор за запишување на јавна набавка. Тука не би сакал да споменувам веледрогерии, ние сме исти како институција и сме должни согласно нашиот закон да ги почитуваме сите веледрогерии кои што ги има 487“, вели Роберт Бекировски.
Актуелниот директор на МАЛМЕД Лирим Шабани во своите одговори кажуваше дека не можат да се прецизни што во овие изминати години било набавувано од веледрогериите или пак што е правено на клиниките.
„Ако од нашата Агенција барате што некој од Клиниката украл таму некој лек, така беше веста во медиумите, ако е бара од Агенцијата за лекови за некој кој не ги почитувал протоколите во Клиниката, некој кој правел трговија со вакви лекови, продавал надвор од државата или внатре во државата верувајте, не е во наша надлежност“, вели Лирим Шабани.
Според најавите на претседателката на Анкетната комисија сослушувањето ќе трае до почетокот на идниот месец, или уште околу една недела. Во целиот процес предвидени се 44 сведоци а се очекува на идните седници да бидат повикани и раководители и вработени од самата Клиника за онкологија.
