Лидерот на Беса, Биљал Касами вели дека на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски разговарале за можноста да се одржат предвремени парламентарни избори. Што се однесува до предизборна коалиција, Касами вели дека ќе размисли за коалиција со македонска партија, бидејќи се чувствуваат предадени од СДСМ.
„По предавството што и се случи на Движење Беса по нереализирањето на потпишаниот договор со кој станавме дел од владата и на премиерот Заев му дадовме можност да биде на чело на владата, ќе размислиме два пати за нов евентуален договор за некаква предизборна коалиција, можеби и три пати, но ние сме политичка партија, не ги затвораме вратите за соработка на ниедна политичка партија, но во овој случај горкото искуство со предизборни коалиции ни наметнува одлуката да биде многу подобро обмислена“, посочи Биљал Касами.
Лидерот на Беса ги покани сите албански партии да седнат заедно и како што вели, еднаш засекогаш да направат политичка ротација и кај Албанците.
„Ние како Движење Беса сме посветени да ги направиме сите потребни компромиси со сите опозициски партии надвор од ДУИ, да седнеме и да изградиме силен опозициски блок, го користам случајов да ги поканам сите партии надвор од ДУИ да седнеме и да се договориме, да ги отстраниме личните интереси за евентуални позиции и еднаш засекогаш да донесеме промени и ротација и во делот кај Албанците“, додаде Касами.
На последните парламентарни избори Движење Беса коалицираше со СДСМ, кога доби 4 пратеника, но по локалните избори оваа коалиција се растури и Беса излезе од Владата. Во последно време Беса остварува средби со ВМРО-ДПМНЕ на која и помага и во активната блокада на Собранието преку своите двајца пратеника.
