Во четвртокот Бојан Јовановски на рочиште за „Рекет“ рече дека Зоран Милевски – Кичеец снимал секаде, а еден ден подоцна протекоа и снимки на кои се слуша глас на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој уште во 2019 година зборуваше дека Кичеец давал лажни изјави за него.
-Суштината е дека тој Зоки Кичевец на Мицко на рака му дал пари ете тоа е вака суштината, да биде јасно и транспарентно која е интенцијата на СДСМ и на тој начин сакаат да го вовлечат Мицко во целата оваа рушумулијада наречена „Рекет“.
Еве дајте доказ дека тоа се случило дека јас сум посегнал по такво нешто, дека се случило тоа инкриминирачко дејство, јас сум подготвен одма да понесам одговорност, доброволно во истражниот затвор да се пријавам, не треба Рускоска, не треба Реџепагиќ не треба никој. Сам ќе се пријавам.-рече Мицкоски.
Од спротивниот табор пак велат дека јавноста ја дознала вистината за „Рекет“ и дека таа води како што велат тие кон белиот двоец.
-Објавени снимки потврдија дека Христијан Мицкоски имал средби и директна соработка со веќе осудениот Зоран Милески Кичеец. Еден ден по објавувањето на вистината Мицкоски се уште се нема појавено во истржниот затвор „Скопје“ популарно наречен Шутка. Иако, Мицкоски јавно, во едно интервју рече дека сам ќе се пријавел во затворот Шутка ако се објави доказ дека тој имал нешто со Кичеец-вели Костадинов.
Претходно аудио разговори објавуваше и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, па прашавме дали т.н бомби ќе бидат главно орудие пред изборите.
-Мораме да потенцираме дека ВМРО-ДПМНЕ воопшто не стравува од ништо и од никого, а најмалку од оваа политика на СДСМ и на Зоран Заев. Морам да потенцирам исто така дека со оглед на криминалот на Зоран Заев, на неговото семејство, но и на врвот на СДСМ и власта морам да признам дека тие има навистина има од што да стравуваат, а само би ги повикал граѓаните, јавноста, медиумите, институциите бурно да го следат следниот период се она кое што ќе биде објавено во јавноста-рече Арсовски.
Вчера на Јутјуб канал беа објавени 4 аудиоснимки на кои меѓудругите се слуша и гласот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како со Зоран Милески Кичеец договарале соработка за избори во Охрид и во други делови од Западна Македонија. Милевски и Мицкоски ја потврдија автентичноста на снимките, но не открија кои се другите гласови кои се слушаат на снимката, ниту пак кој ги снимал разговорите.
Мицкоски во интервју за „Макфакс“ во октомври 2019 г. тврдеше дека не се видел со Кичеец.
