Општините во Република Северна Македонија, вклучувајќи ја и општина Куманово, не беа подготвени да се справат со пандемијата, па затоа и менаџирањето не беше на потребното ниво. Вака изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски на денешната панел-дискусија организирана од Невладината организација „Pulse of Democracy“ на тема – менаџирањето и предизвиците на локалните самоуправи за време на пандемијата.
Според Димитриевски, целото лошо менаџирање на Владата скапо ги чинело општините кои биле лошо упатени, па како последица на тоа потрошиле доста финансиски средства од буџетот на општините за непотребни нешта.
Институционалното искуство недостигало и во Косово, вели градоначалникот на Гњилане, особено во секторот здравство.
-Косово се соочуваше со релативно голем број случаи. Ова е навистина голем проблем, бидејќи и во другите земји, како што е Северна Македонија здравството не беше на задоволително ниво. Поради тоа нашите болнички капацитети беа ограничени, вели Хисени.
Покрај ограничениот технички капацитет, предизвик според градоначалникот на Гњилане, Хисени, бил и ограничениот капацитет на специјализиран кадар, за што последиците ги платиле општините од нивните каси.
