Најавата на албанската опозиција – дека ќе го блокираат Собранието доколку нивниот предлог-закон за државјанство не биде ставен на дневен ред на матичната Комисија, како што се чини го натера мнозинството да реагира. Координаторот на пратеничката група на коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, Скендер Реџепи, вели дека в петок текстот ќе се најде пред Комисијата за одбрана и безбедност.
-Постигнато е преку средбата со надлежните во рамките на собраниските комисии конечно Законот за државјанство ќе биде ставен на дневен ред на Комисијата за одбрана, и тоа в петок-вели Реџепи.
Но, остануваат разликите меѓу власта и албанската опозиција околу предлог-законот. Премиерот Зоран Заев повтори дека е неопходно да се има документ како доказ дека некој се родил и живеел во Северна Македонија. Предлозите на Алијанса и Алтернатива – тоа да може да се направи со тројца сведоци, за Заев се неприфатливи, бидејќи како што вели, сведоците се за стапување во брак, а за добивање државјанство е потребен документ.
Реџепи, вели дека би сакал да поверува во овие зборови, но потсети дека Заев често знае да ги менува јавните ветувања.
-Тој дава јавни изјави, а треба да ги гледаме во делот на амандманите. Ние сме подготвени за компромис. Нашиот предлог е тројца сведоци. Тоа е делот кој го предложивме ние. Ако него му е потребен еден сведок за свадба, а тројца не му се доволни за добивање државјанство… Дали премиерот заборави дека со еден сведок се уништени 13 животи во случајот „Сопот“, со еден сведок се уништени шест животи во случајот „Монструм“, и тоа беше таен сведок?!-рече Реџепи.
Премиерот упати апел за соработка меѓу работните групи со цел да се изнајде решение. Тој настојува документи како свидетелство или државјанство на родител роден во земјава, да служат како доказ дека некој е жител на државата. Шефот на албанската опозиција во Собрание, вели дека се подготвени за компромис за секоја точка од нацрт-законот, но само ако тој компромис го штити правото на граѓанинот за добивање државјанство.
