Собраниската Комисија за здравство денеска го усвои во прво читање Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи и го проследи во понатамошна собраниска процедура.
Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски истакна дека законските измени имаат цел да обезбедат поефикасна заштита на здравјето на граѓаните, особено на децата и младите, како и усогласување со европското законодавство.
Тој нагласи дека пушењето останува една од водечките причини за смртност и хронични заболувања во државата. Според податоците на Светската здравствена организација, повеќе од 45 проценти од возрасните во земјава се пушачи, што ја вбројува Македонија меѓу европските држави со највисока стапка на пушење.
Андовски посочи и на загрижувачкиот тренд кај младите, наведувајќи дека употребата на тутунски и никотински производи кај лицата од 13 до 15 години достигнала 13,6 проценти во 2024 година, додека користењето електронски цигари се искачило на девет проценти. Дополнително, 73 проценти од малолетниците кои се обиделе да купат цигари не биле одбиени.
Со новите законски решенија се предвидуваат мерки за поголема заштита од штетните последици од пушењето и изложеноста на тутунски чад.
