Предлогот ги крена на нозе и Македонија и Бугарија, опозицијата тврди дека е лош, Османи вели: Допрва ќе се расправа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја обвини опозицијата дека со документот што го објави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ само ја манипулираат јавноста и како што рече, создава атмосфера пред нивниот протест. Османи тврди дека во овој момент траат консултации меѓу земјите членки пред да се усогласи ставот во однос на процесот а дека потоа треба да има и став и евентуално забелешки и од македонска страна.


„Прво француското претседателство дава предлози кои што ги дистрибуира до сите земји членки. Секоја земја членка може да даде забелешки вклучувајќи ја и Република Бугарија. Прво е важно да ги слушнеме ставовите на сите земји членки а отпосле ќе ги кажеме ние нашите ставови. Овие обиди на опозицијата да го стави овој важен процес за државата во многу сензитивен период во функција на партиските активности утре или задутре мислам дека е несериозно“, вели Османи.

Документот што го објави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на својата фејсбук страна на која тој напиша дека има сериозни влошувања наметнати како дополнителни услови за Македонија. Тој тврди дека како едно од условите се Преспанскиот како и Договорот со Бугарија да станат составен дел од Преговарачката рамка, заедно со записниците на заедничката историска комисија кои ќе треба да се преточат во опипливи резултати.

„На Македонија и се отвора уште еднo малцинско прашање, читај повторно отворање на Уставот кое ќе биде нов услов, од кој ќе зависи кога ќе се одржи првата Меѓувладина конференција. Процесот на стабилизација и асоцијација кој досега беше засебен, ќе стане составен дел од Преговарачката рамка и преку него ќе се вметнуваат нови барања и услови поврзани со Рамковната декларација на Бугарија од 2019 година“ вели Милошоски.

Францускиот предлог инаку пристигна во бугарското собрание, при што медиумите пренесуваат дека во овој документ не се внесени ниту едно од бугарските барања. Агенцијата БГНЕС во својот напис коментира дека единствено нешто што е исполнето тоа е внесувањето на Бугарите во Македонија во Преамбулата на Уставот. Не се предвидуваат ниту еден од бугарските услови во самата Преговарачка рамка а оттука и немање гаранции за спроведување на преземените обврски од страна на Скопје, наведува државната агенција. Оттаму воедно додаваат и дека премиерот Кирил Петков планира на Самитот на Европската унија на 23 и 24 овој месец да го крене ветото за Македонија.