Парламентарното мнозинство иако го намали бројот на министри без ресори, сепак одлучи бројот на собраниски потпретседатели да биде ист како во минатиот парламентарен состав. Предлогот и идното Собрание да има пет потпретседатели предизвика низа реакции кај опозициската ДПМНЕ.
Пратеничката Гордана Силјановска рече дека во текот на ковид кризата се очекуваше нивниот број да се намали на 3, а не да бидат пет.
Опозицијата предложи да се отстрани втората точка на дневниот ред – утврдување на бројот на потпретседатели, но тоа не беше прифатено од пратениците.
Во врска со ова реагираа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Пратеникот, Јован Митревски порача дека доколку опозицијата не сака да има толкав број на потпретседатели, да не предложи воопшто.
Првата точка на дневниот ред на втората собраниска седница беше верификација на мандатите на новите пратеници, бидејќи некои од претходните се предложени да бидат членови на новата Влада. Од пратениците оставка даде Флорим Бесими од Демократската унија за интеграција. Неговата оставка стана причина за расправија меѓу пратеничката Силјановска и претседателот на парламентот, Талат Џафери.
Пратеникот, Флорим Бесими даде оставка за да се избегне судир на интереси во текот на гласањето на новиот владин сосав бидејќи неговиот брат беше предложен за Министер за финансии. На неговото место дојде пратеникот Бедри Фазлиу.
