Комисијата за заразни болести и предложила на Владата да ги отвори границите без ПЦР тестови со Албанија, Косово, Црна Гора и Србија.
„Според анализите, во моментов нема индикација, односно нема висок број на импортирани случаи во земјава со ковид-19 од овие земји. Согласно тоа, нема ризик и безбедно е отворањето на границите. Предлог одлуката ќе биде доставена до Владата на Република Северна Македонија.“, велат од Министерството за здравство.
Каква одлука може да се очекува од Владата кога веќе неколку дена се дознава дека меѓу министрите се води жестока дебата, особено околу потребата за влез и излез со Косово без ПЦР тест. Одлуката ќе биде донесена утре, најавува премиерот Зоран Заев.
Премиерот вели дека се позитивни по однос на ова прашање, а официјален одговор се чека од Србија и Бугарија. Тој додава дека не сакаме да бидеме изолирани од регионот, како од здравствен така и од економски аспект.
Што ќе се смета за неопходно останува да се види од одлуката што ќе ја донесе владата. ТВ21 се обиде од институционални извори да дознае дали ќе има посебни услови за поминување на границата без ПЦР тест, но никој не можеше да одговори, велејќи дека се уште ништо не е дефинирано.
