Одобрени се 145 нови имиња на улици во Општина Тетово, додека остануваат уште околу 100 за да се комплетира целосната листа. Процесот се очекува да заврши во текот на овој месец, а во септември листата со предлози официјално ќе биде доставена пред советниците на Општинскиот совет.
„Ја одобривме и втората фаза на потврдување на имињата кои ќе бидат додадени на конечната листа на предлози, која ќе биде доставена до Општинскиот совет, а потоа ќе биде испратена и до Владата на одобрување. Во првата фаза одобривме околу 77 имиња, додека на денешната седница одобривме уште 145 имиња, со што бројката достигна 222, а ни требаат уште околу 100 имиња за да се комплетира целата листа која ќе биде испратена до Владата. Од 20 септември треба да ја имаме конечната листа која Советот треба да ја одобри, а Владата да ја даде потребната согласност.“, порача Алби Камили.
Претседателот на комисијата, Алби Камили, вели дека за оваа листа има согласност и со коалицискиот партнер на централно ниво, со цел овој повеќедецениски проблем конечно да добие законско решение.
„Ова е процес кој не оштетува и не засега ниту една етничка заедница или заедница, како што кажа и премиерот во своите изјави. Овој процес треба да се одвива со посебно внимание и ќе ја добие согласноста во Владата за овој повеќегодишен проблем да заврши. До крајот на годината некои улици во Тетово ќе имаат нови имиња.“, порача Алби Камили.
Сепак, по седницата реагираше советникот од Албанската лига. Од оваа партија бараат во предложената листа задолжително да биде вклучено и името на поранешниот политички затвореник, Мехмет Гега.
„Тоа беше причината поради која гласав против другите предлози што доаѓаа од македонската страна. Ние, како ЛШ, им ставивме до знаење дека на следната седница нашиот предлог ќе биде еден и единствен, Мехмет Гега, за да ѝ ја одземеме таа комоција на мнозинството да избира од нашата листа кои имиња помалку или повеќе ги повредуваат нивните коалициски партнери.“, вели Арлинд Муртезани.
Во Општина Тетово има вкупно 297 улици, од кои 216 се идентификуваат само со броеви или воопшто не се евидентирани, што предизвикува постојани проблеми на теренот со поштенските пратки и другите институционални услуги.
