Прекинат протестот во „Комунална хигиена“ – Мазнева: 3 дена бевме под блокада на мафијашки структури

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вака изгледаше денеска наутро главниот град. Преполни контејнери и нечист град со лоша миризба. А ова попладне вработените на ЈП „Комунална хигиена“ одлучија да го прекинат штрајкот и да почнат со работа.

„Бевме во синдикат и договорот е да почнеме со работа и на институционален начин да ги бараме нашите права, да продолжиме со нашите права, да видиме дали ќе ги реализираме преку штрајк или преку протести. За тоа ќе одлучи раководството на синдикатот“, вели Дели Дардишта.

Од синдикатот велат дека немаат контакт со директорката Мазнева, но ќе се обидат преку синдикатот да побараат средба со неа, со надеж дека ќе постигнат договор.

Според директорката Козана Мазнева, ЈП „Комунална Хигиена, три дена беше под блокада на мафијашки структури, и дека, според неа, работата со мафијашите е завршена и сега претпријатието повторно е во функција.

И Мазнева  но и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, уверија дека за краток рок главниот град ќе биде исчистен.

Вработените на КХС кои од петокот штрајкуваа бараа 30% покачување на платите, К-15 и подобри работни услови. Како последица на тоа по целиот град се создадоа мини депонии со отпад. А вчера пак имаше тензии и ескалација на состојбата во КХС и неколку лица беа приведени.