Лидерите на земјите од Западен Балкан заедно со високи преставници на Европската Унија, денеска се собираат во Тиват, Црна Гора, каде ќе се одржи Самитот ЕУ-Западен Балкан. Од Македонија учествува премиерот Христијан Мицкоски.
Главен фокус ќе биде проширувањето на Унијата.
На Самитот, кој се одржува под слоганот „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, покрај лидерите на шесте земји од регионот, присутни ќе бидат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Со Самитот ќе претседава Антонио Кошта, претседателот на Европскиот совет, кој во изминатите денови посети неколку земји од регионот, меѓу кои и Македонија.
Пред Самитот, Германија и Франција подготвија „нон-пејпер“ насловен како „Нов моментум за проширувањето“, кој претставува своевидна разработка на писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна го упати до првите луѓе на институциите на ЕУ. Но, ако две третини од писмото на Мерц беа посветени на Украина, нон-пејперот се однесува целосно на државите од Западен Балкан и на Молдавија.
