Се навестува ли покачување на Данокот на додадена вредност од 18 на 19,5 проценти? Економскиот истражувач Бранимир Јовановски во емисијата „Бизнис 21“ рече дека очекува тоа полека да се случи. Тој смета дека буџетската дупка само така знаат да ја пополнат, а предупреди дека тоа ќе значи удар за сиромашните, а богатите ќе останат нечепнати.
„Не ми е јасно само дали ова што се направи со границата за пензионирање, со придонесите, дали беше дел од некоја игра, дали беше договорено однапред, да се на некој начин Економско-социјалниот совет, излезе со такви, односно се извинувам Фискалниот совет да излезе со такви ставови, па после Владата да каже не нема тоа да го направиме, ние не сме за тоа, но можеби ќе го направиме ова. Дали беше тоа вовед , предигра,во тоа Владата на некој начин оправдување, основа за владата да има грб за да го предложи ова со ДДВ, но тоа и не е важно. Она што е важно е дека, јас очекувам дека владата ќе го покачи ДДВ“, вели Бранимир Јовановиќ.
Премиерот Мицкоски уште минатата недела идејата ја претстави како предлог на бизнис заедницата на Економско социјалниот совет, а бизнисмените потврдија.
„Инаку имаше сега да речеме предлог на седницата да се зголеми и ДДВ-то од страна на бизнис заедницата, да не биде 18 да биде 19,5 проценти. Секакви идеи има. Но ние треба да ги ставиме сите аргументи на маса, да направиме една жестока анализа, да видиме што добиваме, што губиме и дури потоа да носиме одлуки“, вели Христијан Мицкоски.
„Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата излезе со предлог да се зголеми ДДВ од 18 на 19,5 со цел да се дадат тие пари на општините, да се подигне животниот стандард во општините. Но, тоа мислам дека веднаш беше, од премиерот не беше прифатено и се сложувам со дискусијата, со тој дел на дискусијата на Бранимир Јовановиќ дека ДДВ-то е данок кој најмногу ги погодува сиромашните“, вели Ангел Димитров.
Како ќе се полни буџетската дупка за сега е непознато. Владата не го прифати предлогот на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години и на стапката на придонеси. Премиерот рече треба анализа со сите аргументи, па дури потоа ќе се одлучува. Косово и Македонија имаат најниска општа стапка на ДДВ односно 18%. Во Србија, Албанија и Бугарија е 20, Грција 24, а Хрватска 25%.
