„Не верувам во инстантни решенија“, истакна премиерот Христијан Мицкоски по посетата на Брисел, говорејќи за деблокада на евроинтеграциите. Премиерот кажа дека на средбите со новото раководство на Унијата, на нивниот втор работен ден, тој ги презентирал аргументите и позициите на Македонија.
„Голем дел од информациите што сега ги примаат се практично нови информации за нив и врз основа на тие дискусии очекувам сега дополнително, во периодот којшто следува, да се развијат определени и да се обликуваат определени, би рекол, можни решенија.“, изјави Мицкоски.
Премиерот ќе почека да се обликуваат можните решенија до 17-ти декември кога повторно ќе замине за Брисел за нова рунда дискусии. Тој сега се сретна со првиот човек на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, како и новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, која последно изјави дека се очекува од Македонија да го смени Уставот – ништо повеќе, ништо помалку.
„Иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Ајде да работиме за да го оствариме тоа. Ова е пораката што ја испратив, заедно со Каја Калас и Марта Кос на денешната вечера со лидерите на Западен Балкан.“, рече Кошта.
Од Брисел претходно брифираа дека практично е невозможна идејата на властите во Скопје за уставни измени со одложена примена. Веднаш потоа министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека за Македонија ќе биде прифатливо било какво решение, кое ќе даде гаранции дека во иднина нема да се поставуваат нови блокади за време на преговорите. За ова да се случи, како што додаде Муртезани, ќе се чека нова власт во Бугарија.
