Преписки меѓу интегративците во Скопје – Ганиу пријави закани, ДУИ и Хасани велат дека се клевета

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нови преписки во Демократската унија за интеграција. Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, синоќа пријавил во полиција дека му се заканувал по живот Мухарем Хасани, кандидат за претседател на огранокот на ДУИ во Бутел. Ганиу тврди дека Хасани му се јавил и почнал да му се заканува „до тој степен што може да се најдат свиткани заедно со Изет Меџити на улица“.

„Ми се јави еден број, реално не сум го регистрирал. Ми се претстави, знаеш ли кој сум јас? Вели јас сум Мухарем, кој Мухарем? Мухарем Хасани. Веднаш почна да ми се заканува, тебе и  Изет Меџити, ќе ве најдат како свиткани на улица. Ќе видите од утре кој сум!“, вели Висар Ганиу.

Мухарем Хасани преку Фејсбук ги негираше обвинувањата на Ганиу велејќи дека се клевета. Тој изразува огорченост што, како што пишува, луѓето кои имаат корист од Али Ахмети и ДУИ се отуѓени и одат против сето она што го поддржувале 21 година по ред.

„Сега, се спротивставуваат и клеветат за оние од кои барале поддршка во секој изборен циклус. Разочаран, но не и очаен, во целост ГИ ДЕМАНТИРАМ клеветите на Висар Ганиу за наводни закани од моја страна. Жалење за секој обид за валкање на демократските изборни процеси во ДУИ од страна на отуѓените од семејството што ги родило, ги одгледало и ги донело таму каде што се. Клеветите и оцрнувањето нека им служат на чест, ако ви останало малку чест!“, вели Мухарем Хасани.

Бидејќи Ганиу го повика претседателот на партијата Али Ахмети да преземе мерки за да не се случи најлошото, побаравме став од ДУИ. Од оваа партија обвинувањата на Ганиу ги нарекуваат  клевети и ги повикуваат членовите на партијата да не станат плен на провокации.

„ДУИ е првиот албански субјект што го инсталираше најдемократскиот принцип во партиските изборни процеси – „еден член еден глас“. Ние го поставивме овој принцип, но неговото спроведување се одвива на најдемократски можен начин, со позитивен и конкурентен натпревар. Клеветите со намера да фрлат сенка врз оваа нова политичка вредност во земјава се очајнички обиди сонцето да се покрие со сито. Ги повикуваме регистрираните членови на Демократската

унија за интеграција да не станат плен на вакви провокации и да продолжат да работат за непречено одвивање на изборниот процес“, велат од ДУИ.

Пријавата на Ганиу ја потврдија и од МВР. Од таму велат дека лицето В.Г пријавило закана од друго лице со иницијали М.Х. За ова е известен Јавен обвинител, а предметот ќе се води како приватна тужба.