Пресметка за дата-центрите: Опозицијата вели загрозени се водата и струјата, владејачката партија ги обвинува дека се против инвестиции што носат развој

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжија со меѓусебните обвинувања околу најавите за изградба на дата-центри во Македонија. Додека опозициската СДСМ бара повеќе информации за потенцијалните инвеститори и влијанието на ваквите објекти врз природните ресурси, ВМРО-ДПМНЕ ја брани идејата како можност за привлекување нови инвестиции и развој на технолошкиот сектор.

Од СДСМ обвинуваат дека процесот не е доволно транспарентен, посочувајќи дека премиерот Христијан Мицкоски, и покрај најавите за отворен процес, признал дека се водат разговори со повеќе потенцијални инвеститори без јавноста да ги знае нивните имиња „Мицкоски јавно вели дека процесот е отворен и транспарентен, а самиот признава дека преговара со 5-6 инвеститори зад затворени врати или под радарот“, наведуваат од СДСМ, барајќи да се објават имињата на компаниите со кои се преговара, како и анализите за влијанието врз водните, енергетските и земјоделските ресурси.

Од СДСМ предупредуваат дека дата-центрите би можеле да бидат големи потрошувачи на електрична енергија и вода, што, според нив, отвора прашања за достапноста на водата за земјоделството и за евентуалните трошоци за граѓаните. „Земјоделците може да останат без потребната вода за нивите, а граѓаните да плаќаат повисока цена за струјата“, велат од СДСМ, додавајќи дека Македонија нема ресурси за, како што наведуваат, „експерименти зад затворени врати“.

Партијата особено го проблематизира прашањето со водата, повикувајќи се на постојните проблеми со водоснабдувањето, загадувањето на реките и неодамнешните случаи со загадување на водата. „Во држава во која граѓаните веќе се соочуваат со проблеми со водоснабдувањето, загадени реки и труења во Гостивар, власта планира огромни потрошувачи на вода без да ги објави основните анализи“, се наведува во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека СДСМ наместо да се фокусира на потенцијалните придобивки, создава непотребна паника во јавноста. Споредувајќи ја сегашната политика на привлекување технолошки инвестиции со политиките на претходната власт, тврдат дека дата-центрите претставуваат можност за развој на индустрии поврзани со новите технологии. „Дата центрите се токму таква можност. Станува збор за современа индустрија која е тесно поврзана со дигитализацијата, вештачката интелигенција и развојот на новите технологии. Македонија не смее да остане надвор од овие процеси“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на критиките за потрошувачката на вода и електрична енергија, од владејачката партијата посочуваат дека постојат различни технологии и решенија за функционирање и ладење на дата-центрите, зависно од нивната големина и намена. „СДС зборува за потрошувачка на електрична енергија и вода како аргумент против развојот, притоа занемарувајќи дека денес постојат различни современи технологии и решенија за функционирање и ладење на дата центрите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија истакнува и дека електричната енергија се обезбедува преку пазарни механизми и дека евентуалните инвестиции треба да се разгледуваат и преку економските придобивки што би ги донеле. „Нови инвестиции, нови работни места, развој на ИТ-секторот, ангажирање на домашни компании и можност Македонија да стане дел од глобалната дигитална економија“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, уверувајќи дека ниту еден проект нема да биде реализиран на штета на граѓаните, животната средина или природните ресурси и дека сите конкретни инвестиции ќе мора да ги исполнат законските и еколошките стандарди.

Спорот меѓу двете најголеми партии во моментов се сведува на две различни позиции: СДСМ бара целосна транспарентност, објавување на потенцијалните инвеститори и детални анализи за користењето на водата и струјата, додека ВМРО-ДПМНЕ во дата-центрите гледа можност за технолошки развој, нови инвестиции и отворање работни места, со уверување дека проектите ќе бидат спроведени согласно законските и еколошките стандарди.