Војната во Украина да не биде поттик за нешто позитивно, како што е проширувањето на Европската унија.
Ова е пораката која ја испрати шефот на државата Стево Пендаровски за време на денешната панел дискусија на вториот ден од Преспа форумот.
Според Пендаровски, бавното темпо на процесот на интеграција во Европската Унија е закана за демократијата и мирот на Балканот.
Генералниот секретар на НАТО пак на сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ порача дека светот се наоѓа на крстопат.
Премиерот Димитар Ковачевски се осврна пак на регионалната соработка, ковид и економската криза како и иницијативата „Отворен Балкан“. „Политичката цел на Западен Балкан е полноправно членство во Европската Унија.
Местото на сите држави од Западен Балкан е во ЕУ, а регионалните иницијативи се еден од начините на подобра соработка на патот кон полноправно членство во ЕУ“, дециден беше Ковачевски.
Преку видео порака се обрати и претседателката на Европскиот парламент, која рече дека целта до 2030 година Западен Балкан да биде дел од ЕУ е остварлива.
Меѓу останатите говорници денеска беа и претседателите на Хрватска, Албанија и Црна Гора а фокусот беше регионалната стабилност, безбедност и проширувањето на ЕУ како и перспективите кои се нудат за младите во регионот.
Денеска завршува петтиот Преспа форум, кој на едно место собира значајни личности со цел размена на идеи, разговори и решавање на проблемите.
