Пред неколку часа Доналд Трамп водеше во Џорџија, но разликата се топеше, па сега Џо Бајден има предност од преку 900 гласови. Како одминува времето, јасно е дека Џо Бајден е поблиску до Белата Куќа. Во моментов Бајден има 264 електорски гласови, наспроти 214 на Трамп, а ако Баден ја добие Џорџија, ќе му донесе +16, што ќе биде доволно да дојде до претседателското место. Доцна синоќа се огласи и кандидатот на демократите кој повика на смиреност додека не заврши комплетното пребројување на сите гласови.
„Не се сомневаме дека кога ќе заврши пребројувањето, јас и сенаторот Харис ќе бидеме прогласени за победници. Затоа, ги замолувам сите да останат смирени, сите луѓе да останат смирени. Процесот работи, броењето ќе биде завршено, ќе знаеме многу брзо.“, вели Бајден.
Трамп практично цело време беше во водство, но како се ближеше крајот на пребројувањето, Бајден сега има мала предност. Таму се останати уште малку гласови за пребројување. Доколку не успее Бајден да добие во Џорџија, ќе му треба победа во Пенсилванија каде што исто така е изедначено.
„Ако ги броите легалните гласови, јас лесно победувам. Ако ги броите нелегалните гласови, тие можат да се обидат да ни ги украдат изборите. Ако ги сметате гласовите што пристигнаа доцна, на нив гледаме многу силно. Но, многу гласови пристигнаа доцна. Јас веќе освоив многу критични држави, вклучително и убедливи победи во Флорида, Ајова, Индијана, Охајо, ќе именувам само неколку. Ги освоивме овие, и победивме во многу други покрај историското мешање на изборите од големите медиуми, големите пари и големата технологија.“, рече Трамп.
Токму овој говор на Трамп неколку американски ТВ-мрежи синоќа го прекинаа преносот во живо во првото појавување во јавноста на Доналд Трамп откако тие заклучиле дека шири дезинформации.
Инаку, во американската сојузна држава Пенсилванија очекуваат до денеска да пребројат најголем број од гласовите за претседателските избори во САД. Тоа го изјави секретарот на таа држава, додавајќи дека мора да бидат обработени уште неколку стотици илјади гласови.
