Претседателката на Косово го распушти собранието, ќе следат нови парламентарни избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Косово Вјоса Османи го распушти Собранието, а Косово оди на нови парламентарни избори.

„Тука сум пред вас затоа што претставниците на народот синоќа одлучија земјата да ја испратат на нови избори. Оваа ситуација можеше целосно да се избегне. Голема несреќа за оваа држава е што не го избраа интересот на Косово. Затоа денес, во согласност со Уставот на Република Косово, донесов декрет за распуштање на Собранието и со овој декрет ја исполнувам уставната обврска која е јасно дефинирана“, наведе Османи.

Таа најави дека во текот на денот ќе одржи консултации со лидерите на парламентарните партии за датумот на одржување на вонредните парламентарни избори.

Декретот на претседателката следуваше неколку часа по истекот на рокот до полноќ на 5 март за избор на нов претседател.

Процесот пропадна поради недостиг на кворум, бидејќи опозициските партии Демократска партија на Косово (ПДК), Демократски сојуз на Косово (ЛДК) и Алијанса за иднината на Косово (ААК) не присуствуваа на седницата на парламентот.

Кандидати беа Глаук Коњуфца и Фатмир Колчаку-Мулхаџа, предложени од владејачкото движење Самоопределување.

Иако партијата на Албин Курти на изборите оствари убедлива победа со повеќе од 51 отсто од гласовите, не успеа да постигне компромис со опозициските партии околу изборот на нов претседател.

Поради тоа беше формирана влада која траеше само 21 ден, што ја прави најкратка во историјата на Косово.

По неуспешниот процес, претседателката на Собранието Албулена Хаџиу изјави дека движењето Самоопределување побарало од Уставниот суд на Косово привремено да ги суспендира уставните рокови поврзани со изборот на нов претседател.

Според Уставот, вонредни парламентарни избори мора да се одржат во рок од 45 дена од распуштањето на Собранието, што значи дека ова би биле трети национални избори во Косово во рок од една година.