Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, изјави дека нафтениот договор постигнат со САД ќе остане во сила 25 години и има за цел дневното производство на нафта во земјата да го зголеми на повеќе од 1,5 милиони барели.
Говорејќи во саботата за државниот радиодифузер ВТВ, Родригез го коментираше договорот со САД, кој го оцени како „историски“. Таа рече дека договорот ќе важи 25 години и има за цел дневното производство на нафта да надмине 1,5 милиони барели. „Нашата цел е да одиме уште подалеку со потпишување други големи договори кои ќе вклучуваат гигантски компании како Chevron, Repsol, Eni, Shell и BP. Сакаме да станеме енергетска сила“, изјави таа.
„Конкретно, тоа значи дека приближно 19 долари од секој произведен и продаден барел директно ќе одат во нашата земја“, изјави Родригез, при што, говорејќи за очекуваниот придонес на договорот за венецуелската економија, потенцираше дека врз основа на цена на нафтата од 65 долари за барел, земјата би можела да оствари 209,335 милијарди долари приходи од договорот.
Родригез рече дека проектот опфаќа развој на осум нафтени полиња во нафтениот појас Ориноко, кој се протега на повеќе од 55.000 квадратни километри, како и дека договорот предвидува надоместок („royalty“) од најмалку 16 отсто и данок на добивка од 34 отсто, додавајќи дека овие услови ќе придонесат за забрзување на економското закрепнување на Венецуела.
Родригез им се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп и на американскиот државен секретар Марко Рубио за нивните напори за постигнување на договорот, велејќи дека „секоја страна придонесе со она што најдобро го знае“. „Мора апсолутно да биде јасно дека Венецуела ја задржува сопственоста и суверенитетот врз своите ресурси“, рече таа.
Трамп во петокот изјави дека Вашингтон го финализирал договорот со Венецуела за обезбедување мнозинска контрола врз повеќе од 65 милијарди барели докажани нафтени резерви. „САД штотуку постигнаа договор со Венецуела за најголемиот нафтен договор во историјата на светот“, напиша тој на својата платформа Truth Social.
Тој им оддаде признание на Рубио и на секретарот за одбрана Пит Хегсет за работата со Родригез на финализирањето на договорот. Родригез ја презеде функцијата привремена претседателка во јануари, откако претседателот Николас Мадуро беше заробен во американска воена операција.
Трамп тврдеше дека договорот е постигнат преку партнерство со приватниот сектор и дека нема да ги чини американските даночни обврзници. Тој изјави дека договорот повеќе од двојно ги зголемува постојните американски нафтени резерви и дека на долг рок значително ќе ги намали цените на горивата за Американците, истовремено поттикнувајќи го просперитетот во Венецуела.
