Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитки до Архиепископот на МПЦ-ОА, г.г Стефан, Светиот архијерејски синод, свештенството и монаштвото, како и на сите православни христијански верници.
„Денот на Успението на Пресвета Богородица е потсетник за вознесението нејзино со дух и тело и нејзиното застапништвото пред Божјиот престол, за нејзината духовна сила, пожртвуваност, истрајност, доследност, за нејзината исконска мајчинска љубов. Како Мајка Божја и закрилница, таа е вгнездена и ги вдахновува срцата на сите христијански верници. Во време обременето со искушенија и премрежија, верувам дека ликот на Мајката Божја нѐ инспирира и храбри сите нас да истраеме на патот на доброто, градењето на заедништвото, грижата и солидарноста во заедница а, чувајќи и негувајќи го мирот во неа. Посакувам на овој светол христијански празник, храмовите на Македонската православна црква, како во татковината, така и во дијаспората, да бидат исполнети со верници сплотени во христијанската љубов под закрилата на Пресвета Богородица. За многу години нека е големиот празник, Успение на Пресвета Богородица“, се вели во честитката на Сиљановска-Давкова.
