Претседателот Филипче за Божиќ: Да градиме праведно и слободно општество, младите тука да ја гледаат иднината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, по повод големиот христијански празник Божиќ, упати порака за мир, заедништво и изградба на праведно и слободно општество во кое младите ќе ја гледаат својата иднина.

„Ви благодарам на сите за присуството. Го честитам најрадосниот празник во христијанството со традиционалната честитка – мир Божји, Христос се роди“, изјави Филипче, посакувајќи мирни и весели празници за сите верници кои денеска го празнуваат Божиќ.

Тој нагласи дека празникот е традиционален повод за семејно собирање, за покажување почит и грижа кон најблиските, но и можност за потсетување на значењето на мирот, особено во време на глобални турбуленции.

„Мирот во овие времиња ни е и тоа како потребен за да можеме да продолжиме да го градиме општеството – да биде праведно, толерантно и слободно“, порача претседателот на СДСМ.

Филипче потсети на политиките кои, како што рече, во минатото биле имплементирани и кои граѓаните реално ги почувствувале преку подобар, побезбеден и поквалитетен живот, со посебен акцент на младите, кои својата иднина треба да ја гледаат во земјава.

„Имплементиравме политики кои доликуваат на развиени општества – општество во кое никој нема да се чувствува помалку вреден, без разлика на етничка, национална, верска, културна, родова или сексуална припадност“, истакна Филипче.

На крајот, тој упати порака за заедништво и борба против дискриминацијата, посакувајќи сите заедно да се градат вредности на еднаквост и почит.

„Да градиме општество во кое никој нема да биде дискриминиран“, порача претседателот на СДСМ.