Делегацијата од Македонија, предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, престојува во Ватикан и Рим во рамки на традиционалното чествување посветено на Свети Кирил и Методиј. Во рамки на посетата, Гаши оствари средба и со Папата Лав XIV во Светата столица, како и со кардиналот Пјетро Паролин, државниот секретар на Светата столица. Посетата се одвива во духот на традицијата, дијалогот и меѓурелигиската почит.
„Односите меѓу двете држави се на многу високо ниво и гледаме можности во иднина дополнително да ги унапредиме и зајакнеме. Истакнавме дека двата клучни столбови на нашите односи се поврзани со чествувањето на Свети Кирил и Методиј, како и Мајка Тереза како една од фигурите што ги поврзуваат двете престолнини.“, рече Гаши.
„Посетата е значајна за одбележувањето на Свети Кирил и Методиј. Заедничкото присуство на координаторите на пратеничките групи покажува единство со кое сме дошле овде, да испратиме порака за соработка и подобрување на состојбите во државата.“, вели Никола Мицевски.
„Собранието денес преку единство ја потврдува важноста на сесловенските просветители, а и овој состанок што го имавме со Папата покажува продлабочување на нашите односи и меѓусебна поддршка.“, изјави Оливер Спасовски.
„Одбележувањето во чест на Свети Кирил и Методиј ќе се одржи утре во базиликата Сан Клементе Ал Литерано во Рим, каде делегацијата, заедно со свештени лица од Македонската православна црква, предводени од Архиепископот Охридски и Македонски, г.г Стефан, ќе одржат молитвено чествување кај гробот на светецот и создавач на словенската азбука“, рече новинарката на ТВ21, Алмедина Исмајли.
За ТВ21 од Ватикан – Алмедина Исмајли.
