Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека нема намера да поднесе оставка, отфрлајќи ги шпекулациите за неговата политичка иднина кои се појавија во изминатите недели.
Во видео објавено од неколку ирански новински агенции, Пезешкијан порача дека доколку некогаш одлучи да ја напушти функцијата, тоа ќе го соопшти официјално.
„Засега, ќе стојам цврсто“, изјави иранскиот претседател.
Тој истовремено ги отфрли и тврдењата за наводен раскол меѓу него и врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи.
„Тие сакаат да создадат впечаток дека постои несогласување. Лидерот кажува едно, а тие тврдат дека јас кажувам нешто друго“, рече Пезешкијан.
Видеото, насловено како „Извештај до народот“, се очекува целосно да биде објавено во наредните денови.
Шпекулациите за можното заминување на Пезешкијан се засилија по информациите за смртта на поранешниот врховен лидер Али Хамнеи во американско-израелски напади и најавите дека неговиот син Моџтаба Хамнеи ќе го наследи на функцијата. Сепак, овие информации не се официјално потврдени.
Дополнителни сомнежи предизвикаа и изјавите на Мохамед Бакер Харази, генерален секретар на иранската партија Хезболах и роднина на семејството Хамнеи, кој тврдеше дека наводно било предупредено дека евентуално ново барање за оставка од Пезешкијан би било прифатено.
Моџтаба Хамнеи, кој беше посочен како наследник на неговиот татко, досега нема јавно појавување, освен неколку писмени изјави кои му се припишуваат.
