На следните претседателски избори нема да се гласа за кандидатот туку за партијата. Ова денеска во Клик Плус го изјави поранешниот вицепремиер, Имер Селмани. Според него, европскиот фронт ќе излезе со заеднички кандидат, а другиот кандидат ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и партиите кои се скептични за европската иднина.
„Мислам дека на крајот на денот ќе имаме кандидат кој ќе биде поддржан од овој европски фронт, каде веројатно ќе бидат сите албански политички партии. И СДСМ со сите други политички партии кои се проевропски. Ќе имаме кандидат кој ќе го поддржи ВМРО-ДПМНЕ и сите политички партии кои се евроскептични или кои во моментов се против уставни измени“, вели Имер Селмани.
Селмани додаде дека лично не помислува да се кандидира за претседател, додека во моментов се зборува за повторна кандидатура на Пендаровски.
Што се однесува до кандидатот од европскиот фронт, според Костовски од СДСМ, се уште е рано да се зборува за ова, но сигурен е дека нивниот кандидат ќе биде победник на изборите.
Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ е спремна за предвремени избори кога и да се одржат тие, а за претседателските ќе го слушнат народот.
Што се однесува до опозицискиот фронт кај албанските партии, Меџити вели дека ги разгледуваат сите опции за претстојните претседателски избори, но додава дека прво дека треба да има предвремени парламентарни избори бидејќи мнозинството не го одржало ветувањето за уставни измени.
„Разговараме за сите варијанти. Бидејќи мнозинството не успеа со главното ветување, уставните измени, што поскоро треба да има ново парламентарно мнозинство кое ќе ја извади државата од кризата“, вели Изет Меџити.
Инаку, Зеќирија Ибрахими од Алтернатива пред неколку недели за Тв21 изрази подготвеност за соработка на опозицијата во оваа насока и ќе размислат да излезат со заеднички меѓупартиски кандидат.
