Превирања меѓу Општина Тетово и секторот за внатрешни работи – булеварот „Илирија“ не може да стане шеталиште

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општина Тетово бара од Секторот за внатрешни работи булеварот „Илирија“ два месеци да биде во функција на шеталиште . Но, за полицијата ова барање е неприфатливо. Од општината обвинуваат дека прашањето има политичка позадина.

-Зачудени сме што МВР, односно СВР-Тетово не дозволува да се реализира активност која е во целосна надлежност на локалната власт, иако сме сведоци дека изминативе години во текот на летото стана традиција, не само оваа, туку да се затвораат и други улици, блокирајќи цели населби. МВР никогаш не го спречи тоа. Ова не може да се објасни поинаку освен дека е продолжение на носење одлуки со политичка позадина против Општина Тетово и тетовци. За жал, овојпат мета се и печалбарите. -вели Бесар Дурмиши, член на Комисијата за култура.

Од Секторот за внатрешни работи велат дека законот не дозволува улици да се претвораат во шеталишта.

-Во однос на барањето на општина Тетово, за измена на сообраќајниот режим во делот на булеварот „Илирија“ во Тетово, согласно Членот 155 и 156 со цел претворање на шеталиште за дијаспората во период од 01.07 до 31.08.2022 од 20:00 од 01 часот по полноќ, Министерството за внатрешни работи – СВР Тетово НЕ СЕ СОГЛАСУВА да се усвои ова барање, поради наведениве причини: согласно Член 347 Став 1 од Граѓанскиот законик, објектите наменети за сообраќај не смеат да се пренаменуваат и да се користат за други цели-вели Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.

Ова не е првпат да има препукувања меѓу општина Тетово и СВР. Општинските власти велат дека токму СВР го прави ова за политички цели, а од СВР пак ѝ порачаат на општината да се позанимава со надлежностите што ги има.