Превозниците од Македонија и од регионот започнаа со блокади на граничните премини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Превозниците од Македонија и од регионот започнаа со блокади на граничните премини. Тие имаат за цел да испратат јасна порака дека новите европски правила за електронска евиденција на влез и излез во Шенген зоната ќе создадат сериозни потешкотии во нивното работење. Според транспортните компании, најголем проблем е автоматското броење на деновите престој според правилото 90/180, кое во практика значително се комплицира откако Шенген зоната опфати 29 држави.

„Кога правилото се воведуваше, во Шенген беа пет држави и овие 90 дена не беа пречка. Сега има 29 земји, вклучувајќи ги и Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн, и проблемот е многу поголем“, изјави Билјана Муратовска, претседателка на Макам-транс. Таа додаде дека досега превозниците рачно го следеле бројот на денови, но новиот електронски систем ќе воведе автоматско броење.

Муратовска истакнува дека професионалните возачи не треба да се третираат како туристи и дека потребно е специјално визно решение.

„Доколку е потребна поголема контрола или евиденција на возачите, тоа ќе се надмине со решението со мулти визите. Предлагаме да се издаваат на период од пет години, да им обезбедат неограничено влегување и излегување и да не мора да се бројат деновите на престој. За жал, досега одговор нема“, наведе таа.

Протестите, кои ќе траат цела недела, ја засегаат исклучиво товарната категорија на сообраќај, при што се дозволуваат исклучоци за камиони што превезуваат лекови, жива стока или експлозиви и муниција. Покрај Македонија, блокади најавија и превозниците од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Шенген зоната денес ги опфаќа 29 држави, од кои 25 се членки на Европската унија, а четири се земји од Европската асоцијација за слободна трговија – Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.