„Се наоѓаме во населбата Визбегово во општина Бутел. Зад мене може да се види новото основно училиште изградено и наменето за околу 500 ученици од оваа населба кои до петто одделение ќе бидат распоредени во 17 различни паралелки. Мора да истакнеме дека учениците од шесто и повисоките одделенија мора повторно да патуваат километри подалеку од оваа општина, до општина Шуто Оризаре, општина Бутел и општина Чаир како што функционираа до сега кога немаше училиште. Како што гледаме од прозорците, во ова училиште е донесен инвентарот, донесени се клупи и столчиња, но недостига инсталација на струја и вода. Имаме информации дека не се избрани ниту директор на училиштето, ниту совет на родители“, вели репортерот на ТВ21.
Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека прашање на денови е кога ќе почне да функционира ова училиште, но рече дека сега се зависи од општина Бутел.
„Од прво до петто одделение се децата, прашање на денови е. Се согласувам дека снабдувањето со струја е доволно за тие пет одделенија. Нема да биде пуштена за целата зграда, бидејќи училиштето има и лифт. За тоа велам, може да биде во текот на оваа недела. Условите веќе не зависат од Министерството за образование. Потребно е разбирање од општината за да не се прават политички поени при назначувањето на директорот на тоа училиште, да се назначи советот на родители, да се назначи и да почне директорот да прави барања за наставници и кадар“, порача Јетон Шаќири.
ТВ21 се обиде да добие одговор од општина Бутел, но градоначалникот на оваа општина Дарко Костовски беше недостапен.
Инаку, ова училиште почна да се гради во јануари 2022 година, додека требаше да почне со работа од септември оваа година. Инвестицијата од Министерството за образование за овој објект е околу 107 милиони денари.
