Со секојдневен пораст на бројот на заболени од корона вирусот во Прилеп, особено по вчерашните 14 новозаболени случаи овој град за брзо време се искачи на трето место по број на заболени во земјава. Вкупната бројка со денешните три случаи достигна 75, од кои 6 се медицински лица.
Станува ли Прилеп ново жариште и можно ли е да се воведат дополнителни мерки за заштита на населението. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека сега нема потреба од засилени мерки, со оглед на фактот што и викендов ќе има продолжен полициски час.
„Сметаме дека нема простор за некоја дополнителна рестрикција во Прилеп или во било кој друг град или општина, заради тоа што ако се почитуваат овие мерки, тие ќе бидат сосем доволни. Тоа што се воведе во Дебар како мерки на изолација, карантин и така натаму беше во моментот кога немаше други мерки.“, рече Филипче.
Како дополнителни мерки општината стави налепници пред маркетите, банките на кои што пишува „стој овде“ со кои ќе се определува граѓаните како да одржуваат дистанца, а дополнително во обезбедување ред се вклучи и Армијата. Таму беа и дел од владините претставници.
„Пред маркетите пред банките пред местата каде што во принцип се правеа гужвите ќе видите по неколкумина униформирани припадници на Армијата чија задача не е да создаваат страв, туку почитта која што ја уживаат кај граѓаните да биде употребена за повеќе ред.“, изјави Шекеринска.
„Вкупно бројката е околу 75 позитивни од кои два починати со што локалните мерки кои што се преземаат треба да продолжат во ист интензитет. Сакам да им се заблагодарам на граѓаните за оваа самопожртвуваност, за ова охрабрување и дисциплина која што ја покажуваат“, изјави Османи.
Со свои предлози во врска со состојбата со Прилеп, се јави и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски кој бара во овој град да биде спроведено масовно тестирање, за, како што рече, да се спречи што поголемо ширење на вирусот.
„Што повеќе тестирани толку подобра слика за здравствените работници да можат да помогнат на сите. Повикувам на Прилеп на испомош од другите болници во Македонија да се испрати соодветен медицински персонал, а пред се инфектолози“, изјави Николоски.
По број на заболени пред Прилеп со 75 лица, се Куманово со 211 и Скопје со 316 заразени од вирусот Ковид 19.
