Приоритетите на Ирското претседавање со ЕУ – Вард: Регионот треба што побрзо да се интегрира во ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Амбасадорот на Ирска Брендан Вард во своето излагање за тоа кои ќе бидат приоритетите со претседавањето на Европската унија само неколку реченици посвети на проширувањето на Европската унија. Тој рече дека ќе се залагаат за што побрзо интегрирање на земјите од регионот во Унијата, а за Македонија кратко спомена дека силно ја поддржуваат.

-Ние ќе работиме кон завршување на пристапните преговори со Црна Гора и ќе настојуваме да постигнеме суштински напредок во преговорите со Албанија, Украина и Молдавија. Секако силно ја поддржуваме и Северна Македонија и нејзиното пристапување во Европската унија и ќе работиме заедно со партнерите во Унијата и со властите тука во Скопје за да видиме кој напредок ќе може да се направи на тоа поле, изјави Брендан Вард, амбасадор на Ирска.

Заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков рече дека охрабрува фактот што интеграцијата на регионот останува високо во агендата на Европската унија. Нашата цел е јасна, полноправно членство во Унијата, порача Трајков.

-Нашата Влада останува целосно посветена на европската агенда, нашиот пристап е јасен, европската интеграција не е декларативна определба туку процес што бара конкретни резултати, институционална одговорност и доследно спроведување на преземените обврски, изјави Викторија Трајков, заменик министерка за Европски прашања.

Според претседателот на Комисијата за европски прашања Антонио Милошоски за нас, но и за регионов воопшто многу е важна конкурентноста на Европската унија.

-За нас е многу битно да продолжи со забрзано темпо интегрирањето на земјите од Западниот Балкан во заедничкиот единствен европски пазар. И со зголемената интеграција на целиот регион во заедничкиот европски пазар сметаме дека конкурентноста на Европската унија ќе добие дополнително на тежина и ќе се зголеми трговскиот и стопанскиот потенцијал на целиот европски континент, изјави Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за Европски прашања.

Вчера во Брисел се одржаа четири меѓувладини конференции за пристапување со Црна Гора, Албанија, Украина и со Молдавија. Евроамбасадорот Рокас притоа порача дека се надева дека и ќе ги следи овој пат и наскоро ќе ги почне пристапните преговори.