Приоритетите на кипарското претседателство во ЕУ – Милошоски: Кипар во ЕУ да го отвори проблемот на превозниците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија останува дел од процесот на проширување со Европската унија, истакна кипарскиот амбасадор во земјава Андреас Фотиу презентирајќи ги приоритетите на кипарското претседателство со Советот на Европската унија. Во своето обраќање истакна дека Западниот Балкан останува регион од стратешко значење за Европската унија, но сепак, посвети мал дел за интеграцијата на земјава во ЕУ.

-Вклученоста со Северна Македонија ќе продолжи во рамките на една кредибилна, предвидлива и политика на проширување заснована на заслуги. Ќе гледаме кон продолжување на дијалогот и соработката со Северна Македонија, да ги поддржуваме реформите, стабилноста и заедничката европска перспектива, вели Андреас Фотиу, амбасадор на Кипар во Македонија.

Претседателот на Комисијата за европски прашања Антонио Милошоски упати порака до Фотиу, кипарското претседателство да помогне во проблемот со превозниците. Тој потсети на потпишаниот меморандум Од страна на еврокомесарката Марта Кос за побрза интеграција и непречен транспорт на земјите од Западен Балкан, кој е во согласност со Планот за раст на Европската унија.

-Нашиот апел од име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери до вас е да побараме од кипарското претседателство оваа тема за балканските превозници, да биде ставена на дневен ред на претседателството на Република Кипар за време на вашиот мандат и да се најде начин во рамките на постоечката регулатива како овој проблем да се надмине, вели Антонио Милошоски, претседател на Комисија за европски прашања.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Венко Филипче ја искористи седницата за да упати критики кон власта. Рече дека е многу загрижен за состојбата во земјава и дека власта го кочи европскиот пат, притоа укажувајќи на директни економски последици за државава.

-Никаква задача домашна не е завршена, не сме го зајакнале системот, не можеме да бидеме спремни ниту за некаква политичка одлука доколку дојде до такво нешто во рамките на Европската унија. На неколку нивоа сметам дека е проблемот. Прво немањето политичка волја да се спроведат уставните измени коишто се очигледно единствениот начин да се продолжат преговорите, изјави Венко Филипче, претседател на Национален совет за ЕУ-интеграции.

Вицепремиерот за европски прашања Беким Сали пак рече дека евроинтеграциите не се административен процес туку стратешка определба која ја дефинира насоката на нашата држава.

-Во време на сериозни геополитички превирања кога европската безбедност, стабилност и кредибилитет се повторно ставени на тест, политиката на проширување не е опција, таа е неопходност. Тоа е инвестиција во стабилна, автономна и вредносно силна Европска унија. Во оваа слика, Северна Македонија е дел од решението, изјави Беким Сали, вицепремиер за европски прашања.

Шестмесечниот мандат на Кипар кој го презеде претседателство со Советот на Европската унија на први јануари година, ќе трае заклучно со 30 јуни.