За разлика од претходно, овој пат втората пратка вакцини од Србија пристигна со автомобил преку Граничниот премин „Табановце“. За трансферот на пакетот се погрижија двајцата министри за здравство. Ова е втора доза од вакцините „Фајзер“, донација од Србија.
Министерот Венко Филипче, рече дека процесот на имунизација се одвива успешно, воедно заблагодарувајќи ѝ се на соседна Србија за донацијата.
Српскиот министер рече дека неговата земја досега обезбедила над 2 милиони дози вакцини и тоа од четири производители. Како што рече, досега во Србија се вакцинирани над 1 милион граѓани, а како што додава, нивната цел е вакцината да ја примат повеќе од 2.5 милиони.
„Донесовме 3.510 дози на вакцини за граѓаните на С.Македонија што заедно со првата пратка изнесува вкупно 8.190 дози. Исклучително ми е драго што сме во можност да им помогнеме на нашите соседи и пријатели. Од министерот Филипче разбрав дека вакцинацијата е почната, дека ќе продолжите понатаму. Она што посакуваме е и вие да бидете безбедни, вашите граѓани што помалку да се разболуваат и кога вие ќе имате подобра ситуација, ќе имаме и сите ние и регионот“, истакна Златибор Лончар.
Македонија ги чека и 200.000 вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Според оперативниот план на Министерството за здравство, се очекува дневно да се вакцинираат по 2.500 граѓани. Во меѓувреме се склучува договор и за набавка на руската вакцина „Спутник“. Досега во земјава се имунизирани над 1.300 здравствени работници, со динамика од 250 – 300 на ден.
