Пристигнаа 20 илјади вакцини, донација од Србија – Владата има цел да набави 2,6 милиони вакцини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Две кутии со 20 илјади вакцини Спутник В пристигнаа во Скопје како донација од Србија. За да ги пречека пред институтот за трансфузиологија дојде премиерот Зоран Заев заедно со министерот за здравство Венко Филипче во придружба на медицински персонал. Двајцата потврдија дека помошта доаѓа во многу важен период за продолжување на масивната вакцинација во земјава.

Овие 20 илјади се само прва квота, подоцна ќе стигне и втората, рече премиерот Заев. На прашање што мисли за фактот дека повеќе од половина од вакцините Македонија ги доби преку донации, тој рече дека набавените вакцини до сега сме добиле 2 пати по 3 илјади вакцини Спутник а имаме добиено и 24 илјади преку Ковакс механизмот. Другите се уште се чека да стигнат.

Премиерот верува дека во мај ќе стигнат дополнителни количини кои ќе бидат во поголем број. Најверојатно ќе се реализира и набавка за следните количини од Кина, рече тој, објаснувајќи дека синоќа е одлучено за нарачка и на 500 илјади вакцини Синовак. Со ова Заев вели дека ќе се заокружи бројка од 2,6 милиони вакцини со кои ќе се вакцинираат 1,3 милиони граѓани.