Граѓаните наскоро ќе можат да се вакцинираат против сезонски грип, откако во земјава пристигна првата пратка од 30.000 вакцини. Министерот за здравство Сашо Клековски денеска информираше дека имунизацијата се очекува да започне во периодот од 16 до 25 октомври, а предност ќе имаат лицата од ризичните групи.
Во тек е координацијата со центрите за јавно здравје за организација и распределба на пристигнатите дози. Дополнителни 26.000 вакцини се очекуваат до 15 ноември, додека целта на Министерството е да обезбеди вкупно 80.000 дози за претстојната сезона.
„Важно ни беше да стигнат првите 30.000 вакцини за да почнеме веднаш со најризичните групи. На 15 ноември ќе ги имаме следните 26.000, а во меѓувреме ќе се потрудиме да го обезбедиме и остатокот до 80.000 вакцини“, изјави Клековски.
Тој најави дека и самиот ќе се вакцинира, со цел да ги поттикне граѓаните да се пријават и да ја искористат можноста за заштита од сезонскиот грип. Според него, вакцинацијата во Македонија ќе започне порано отколку во некои соседни земји, каде што имунизацијата е планирана за ноември.
При распределбата на првите дози, приоритет ќе имаат лицата од ризичните категории, согласно нивната дијагноза и критериумите утврдени од центрите за јавно здравје.
За да добијат вакцина, граѓаните треба да се пријават преку модулот за вакцинација во системот „Мој Термин“. Пријавувањето ќе им овозможи на надлежните да го следат интересот и да го организираат процесот на имунизација.
