Притисокот, социјалните мрежи и вештачката интелигенција го зголемуваат ризикот од манипулација со информации

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Медиумскиот екосистем се соочува со сè поголем ризик од дезинформации и манипулативни информации, кои често потекнуваат од центри со одредени интереси. Вака оценува Нора Калиќи од Советот за етика во медиумите, која нагласува дека и самите медиуми стануваат жртви на вакви содржини поради временскиот притисок и недостигот на проверка.

„Медиумскиот екосистем е загрозен од информации кои се манипулирани и насочени од различни цели, кои доаѓаат од различни сили и центри на моќ. Во овој случај и медиумите се манипулираат од вакви информации, кои доаѓаат од одредени центри што сакаат да ги шират за да постигнат свои цели. Тие се манипулираат поради временскиот притисок и поради непроверување на информациите. Во вакви случаи често сме реагирале, а понекогаш сме и погрешно разбрани од самите медиуми, како да сме критични кон нив“, вели Калиќи.

Од друга страна, Елида Зилбеари од организацијата „Метаморфозис“ истакнува дека недостигот од транспарентност и отчетност кај институциите создава неточни и полувистинити информации, кои потоа се шират во медиумите.

„Еден од проблемите е што недостигот на отчетност и транспарентност доведува до пласирање слаби, неточни и полуточни информации без контекст кон медиумите. Видовме дека и тоа влијае врз ширењето на дезинформации. Потребна е и медиумска писменост кај новинарите и кај јавноста, за правилно да ги примаат овие информации, бидејќи граѓаните имаат право да бидат информирани точно, навремено и објективно“, изјави Зилбеари.

Новинарката Саранда Селими оценува дека социјалните мрежи се еден од главните фактори за ширење на дезинформации.

„Денес секој човек ја има улогата на новинар и информатор – доволно е да има паметен телефон и пристап до социјални мрежи, па веста се шири побрзо. Често сме сведоци дека токму граѓаните го креваат гласот за одредени настани, неправди или скандали. Затоа, социјалните мрежи се клучен фактор во ширењето на дезинформации“, кажа Селими.

Соговорничките потенцираат дека и развојот на вештачката интелигенција претставува нов предизвик за медиумите, зголемувајќи ја можноста за создавање и ширење манипулирани содржини, особено напредни видеа.